Четвртата по ред нумера од проектот „Македонијо во срце те носиме” е „Море сокол пие” во изведба на младата и талентирана Мина Блажев, која вели дека е пресреќна што со својата изведба ќе придонесе за зачувување на нашето културно богатство.
„Море сокол пие” е македонска народна песна за која постојат неколку верзии, а се претпоставува дека првата снимка е направена врз основа на онаа најстарата датирана од 1837 година. Последната верзија, пак, во изведба на Мина Блажев е со потписот на Николче Мицевски, кој е автор на аранжманите на целиот проект составен од 12 нумери во изведба на 12 изведувачи, и од светот на фолкот и од светот на забавната музика. Зад видеото, како и комплетната реализација на проектот се потпишува Скендеровски продукција.
