Неофицијалната химна на Македонците како што ја нарекуваат „Заветна“ на легендарниот Пепи Бафтировски, Бојана Скендеровски не ја пее прв пат, но сега премиерно ќе ја чуете спакувана во ново руво. „Заветна“ е дел од проектот „Македонијо во срце те носиме“ и нејзиниот нов аранжман, како впрочем и на целиот проект, го потпишува маестро Николче Мицевски.
Инаку, „Заветна“ е една од оние песни во кои Бафтировски го опејуваше родниот крај. Создадена е пред повеќе од 30 години и песна која ја опејува вековната тага што се пренесува од поколение на поколение, но и вербата дека ќе дојдат подобри денови.
Видеото за „Заветна“ во изведба на Бојана Скендеровски е со потписот на Скендеровски продукција, која стои зад проектот „Македонијо во срце те носиме“, а во чии рамки се препеани 12 македонски легендарни песни, во изведба на 12 изведувачи, и од светот на забавната и од светот на народната музика. Меѓу изведувачите кои публиката допрва треба да ги слушне и види се и: Сузана Спасовска, ДНК, Андријана Јаневска и Зуица Лазова.
Уживајте во изведбата на Бојана и моќната „Заветна“ и, секако, очекувајте го стартот на концертниот караван кој под истото име „Македонијо во срце те носиме“ ќе гостува во неколку македонски градови – Да ја обоиме Македонија со најубавите звуци и да го зачуваме највредното – музичкиот аманет кој ни го оставиле генерациите пред нас.
