„Народе македонски” е една од оние песни кои во себе носат моќна порака, но и голема вистина за трагичното минато на нашиот народ. Создадена е во спомен на масакрите во 1903 и 1905 година во костурското село Загоричани што биле извршени врз месното цивилно население од страна на Турците и Грците. Убиени биле повеќе од 200 загоричани, а селото било целосно уништено. Верзијата што во рамките на проектот „Македонијо во срце те носиме“ ја спакува Николче Мицевски, а ја отпеа златно грло Сузана Спасовска е всушност правена според снимката во изведба на Симеон Гугуловски.
Видеото за „Народе македонски“ во изведба на Сузана Спасовска е со потписот на Скендеровски продукција, која стои зад проектот „Македонијо во срце те носиме“ и во чии рамки се препеани 12 македонски песни, во изведба на 12 изведувачи, и од светот на забавната и од светот на народната музика. Меѓу изведувачите кои публиката уште треба да ги слушне и види се ДНК, Андријана Јаневска и Зуица Лазова.
Уживајте во изведбата на Сузана Спасовска и очекувајте го стартот на концертниот караван кој под истото име „Македонијо во срце те носиме“ ќе гостува во неколку македонски градови.
