Пуштен ФЕЦ Новаци – Македонија ја има најголемата фотоволтаична централа на Балканот

Македонија ја доби најголемата фотоволтаична централа на Балканот. ФЕЦ Новаци е проект кој ќе има големо значење за државата поради самиот факт што ќе има голем придонес во производството на домашната енергија, нашата држава нема повеќе да биде енергетски зависна, а воедно придонесува и кон поздрава животна средина.

На површина од 57 хектари веднаш спроти РЕК Битола се поставени над 101 илјада панели, кои во следниве 25 години колку што е оперативниот период на соларната фарма ќе испорачува значителни количини енергија во нашиот електроенергетски систем.

Шефшет Демировски инвеститорот и сопственик на Меј Енерџи компанија која го реализираше овој голем проект од 40 милиони евра во интервју за ТВ21 рече дека со овој проект Македонија се зацврстува на европската енергетска  мапа.

„Капацитетот на ова централа е 55 мегавати, една од моментално  најголемите изградена на Балканот. Ќе произведува годишно околу 85 милиони киловатчасови струја. Тоа е за околу 30 илјади семејства, значи околу 170 илјади жители. Инвестицијата е околу 40 милиони евра и ова е прва фотоволтаична централа која е изградена на приватно земјиште со 57 хектари површина“, вели Шефшет Демировски.

ФЕЦ Новаци е изградена на само 50 метри од местото каде што се одложува јаловината од рудникот Суводол. Градежните работи беа започнати во ноември минатата година, а изведбата целосно ја извршуваа македонски компании под надзор на консултантски фирми и стручни лица кои повеќе од 20 години се во оваа дејност. На отворањето на овој значаен проект присуствуваа голем премиерот Димитар Ковачевски, вицепремиерот Артан Груби заедно со голем број министри од Владата. На симболичен начин со притискање на копчето ја пуштија во употреба централата.

„Јас сум убеден дека оваа фотоволтаична централа ќе дава 20 до 25 проценти повеќе електрична енергија со оглед на тоа што сончевата инсолација во нашата држава е најдобра во однос на сите држави во светот. И ако нешто треба да направиме тоа е сите заедно обединети оваа земја на сонце која што во моментов е пример за енергетска трансформација да биде најдобриот пример како земја членка на Европската унија за зелен центар на Европската унија во моментот кога во 2030 година ќе станеме земја членка на Унијата“, порача Димитар Ковачевски.

Министерот за економија Крешник Бектеши на настанот дојде со маичка на која имаше амблем за обновливи извори на енергија со симболики на сонце, ветер и вода.

„До 2016 година, во нашата држава, држава на сонцето, држава која во своето знаме го носи сонцето имаше инсталиран капацитет не повеќе од 17 мегавати за производство на електрична енергија од сонце. Денеска кога зборуваме, зборуваме за инсталиран капацитет од точно 393.6 мегавати кој денеска произведуваат електрична енергија“, вели Крешник Бектеши.

До крајот на годината околу една третина од домаќинствата ќе биде покриена со електрична енергија од домашните фотоволтаични централи.

Leave a comment