Северна Македонија е на 38. место на листата на земји според Глобалниот индекс за мир

Институтот за економија и мир ја претстави годишната ранг-листа на земји според Глобалниот индекс за мир (GPI). Овој извештај ја претставува досега најсеопфатната анализа на податоци за трендовите на мирот, неговата економска вредност и како да се развијат мирни општества. Глобалниот индекс на мир опфаќа 99,7% од светското население и се пресметува со користење на 23 квалитативни и квантитативни индикатори од високо почитувани извори и ја мери состојбата на мирот во три домени: ниво на општествена сигурност и безбедност, степенот на тековни внатрешни и меѓународни конфликти и степенот на милитаризација.
На врвот на листата како земји со многу висока состојба на мирот се Исланд, Данска и Ирска. На дното на оваа листа се наоѓаат земјите кои патат од војни, насилство и политичка нестабилност, Сирија, Јемен и Авганистан.
Од земјите во регионот С.Македонија е на 38-то место а потоа на листата следуваат Албанија на 40-тото, Црна Гора на 45-то и Босна и Херцеговина на 61-то место како земји со висока состојба на мир. Србија на 65-тото место и Косово на 70-тото се во група на земји со средна состојба на мир. Словенија е на високото 8 место на листата, а Хрватска е на 14-тото место како земји со многу висока состојба на мир.
