Популарно ги викаат „снус“, а всушност станува збор за никотински кесички. Оригинално наводно измислени како производ за одвикнување од пушење, никотинските кесички се најпопуларни кај тинејџерите како алтернатива на цигарите. А некои од нив содржат и 13 пати повеќе никотин отколку што има во една цигара
Се продаваат во пакувања како за бонбони, изгледаат шарено и модерно, и иако на декларацијата пишува дека не се за малолетници, во земјава многу лесно до нив доаѓаат и деца. Нашите проверки на терен открија и други проблематични аспекти – на пример, дека таков производ не препознава нашата законска регулатива и дека поради тоа и не можел легално да се најде на пазарот. Некој, во меѓувреме, го сфатил тоа и го стопирал увозот.
Половина година е забранет увоз на „снус“ во земјава, а продавниците и понатаму се добро снабдени со контроверзните никотински ќесички. Нашето истражување на терен покажа и дека децата немаат проблем да дојдат до сѐ попопуларниот производ.
Да е парадоксот поголем, „снусот“ бил увезуван како тутунски производ се до моментот додека на надлежните не им станало јасно дека тој не содржи тутун. Тоа значи дека воопшто не смеел ниту да почне неговиот увоз. Како е сето ова можно?
