Младата пејачка Драгана Јовановска дебитираше на последното 38-мо издание на Фестивалот на забавни мелодии „Макфест“. Таа пееше во првата вечер на фестивалот, наменета за нови таленти, од каде само пет изведувачи според бројот на гласовите од публиката и жири-комисијата, имаа можност да настапат и на втората, односно ревијална вечер.
Драгана беше една од тие пет изведувачи кои настапија и во вечерта со етаблираните музички имиња од Македонија.
Драгана уште во првата вечер ги освои симпатиите на публиката со нејзината песна „Случајно“, на која како автор на музиката заеднички се потпишува со продуцентот Иле Спасев, додека таа сама го напиша текстот.
За потребите на новата песна, Драгана пред еден месец сними и видеоспот и тоа не било каде, туку на една од најпосакуваните светски дестинации за одмор – одличните и секогаш посакувани Малдиви.
