Претседателот на државата Стево Пендаровски денеска го потпишал указот за прогласување на Законот за употребата на македонскиот јазик, што во петокот го донесе Собранието на Република Северна Македонија. Донесениот закон ќе придонесе за подигање на јазичната култура, негување и заштита на македонскиот стандарден јазик и неговото кирилско писмо, за афирмирање на потребата од зголемена општествена и индивидуална грижа за правилна употреба на македонскиот јазик во јавната и во службената комуникација, како и за почитување и унапредување на јазичниот стандард.
Законот пропишува задолжително лекторирање на сите материјали со објавување на лекторот и задолжително вработување на лектори по македонски јазик во сите јавни институции и органи на власт.
Закон предвидува формирање на инспекторат за употреба на македонскиот јазик, што ќе биде во состав на Министетството за култура.
Според Законот ќе се стипендираат ученици од четврта година средно образование и на додипломски и докторски студии, со што се прави голем исчекор кон мотивирање на младите за проучување на македонскиот јазик.
Минатата година, после цели 24 години, во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ се вработиле 16 млади кадри.
