Македонската дипломатија денеска добива круна. Вака вели експремиерот Зоран Заев.
„Македонската дипломатија денес добива круна. Назначувањето на Радмила Шекеринска за заменик- генерален секретар на НАТО е признание за нејзините професионалност, посветеност и визија за демократски и безбедни општества, но е признание и за сите наши домашни и меѓународни напори да обезбедиме мир, стабилност и интеграција со современиот демократски свет. Ова е доказ дека Северна Македонија е исклучително важна членка на НАТО“, рече Заев.
„Со огромна гордост ја поздравувам веста за назначувањето на Радмила за нов заменик генерален секретар на НАТО. Нејзиниот труд, посветеност и визија отсекогаш биле инспирација за сите нас кои имаме чест да ја познаваме лично. Ова е голем успех за неа, но и за нашата земја, пример за тоа како Северна Македонија ја зајакнува својата улога на глобалната сцена“, изјави Славјанка Петровска, поранешна министерка за одбрана.
Радмила Шекеринска е вистинскиот избор за втор човек на НАТО – најмоќниот воено-политички сојуз во светот.
Со нејзиното долгогодишно искуство, посветеност и професионалност, силно верувам дека успешно ќе се носи со најголемите предизвици кои и претстојат, вели претседателот на СДСМ Венко Филипче.
„Ова назначување е доказ дека нејзиниот труд и професионалност се ценети на глобално ниво. Преку нејзиниот успех, Северна Македонија уште еднаш ја потврдува својата вредност и капацитет да биде дел од најзначајните меѓународни процеси. Ние сме рамноправна членка на НАТО која има што да понуди за глобалната безбедност и стабилност. Назначувањето на Шекеринска е уште една потврда за исправноста на политиките и историскиот успех на СДСМ и Владата, кои со посветена работа успеаја да ја внесат Северна Македонија во НАТО“, изјави Филипче.
Новата функција Шекеринска ќе почне да ја извршува до крајот на годинава.
