Спојувањето на Агенцијата за разузнавање и Агенцијата за национална безбедност, како и евроинтеграциите, биле во фокусот на денешната (26 ноември) средба на македонската претседателка, Гордана Сиљановска Давкова и претседателот на СДСМ, Венко Филипче, како што посочи опозицискиот лидер.
“На денешната средба со претседателката на Република Северна Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова, разговаравме за актуелните политички состојби и предизвиците со кои се соочува државата. Во фокусот на средбата беше спојувањето на безбедносните агенции и евроинтеграцискиот процес.
На средбата изразив загриженост од партизација на безбедносните структури и укажав на ризикот од спојување на Агенцијата за национална безбедност со Агенцијата за разузнавање. Спојувањето на овие две безбедносни агенции во една, ќе направи една гломазна институција којашто тешко може да се контролира.
Воедно, на средбата посочив дека СДСМ ќе ја поддржи секоја подобрена позиција во однос на процесот на евроинтеграции, којашто Владата согласно ветувањата ќе ја обезбеди.”
