Македонските рап легенди Слаткар и Тони Зен повторно ја разбудија музичката сцена со нивниот најнов проект, песната „Жими сè”, која во придружба со визуелно впечатлив видеозапис, навести дека овој тандем нема намера да застане. По успехот на „Милион лета”, ова ново издание е свежа потврда на нивната креативност и хемија, кои успеваат да ги допрат сите генерации.
Текстот на „Жими сè” носи препознатливи искрени пораки, со доза хумор, реалност и урбана филозофија, потпишан од самите Слаткар и Тони Зен. Музичката позадина, пак, е мајсторско дело на Илија Цветковски – Ики, кој создаде динамична и современа продукција што ќе ве натера да ја слушате песната повторно и повторно. „Жими сè” е само дел од тоа што следува на нивниот голем заеднички концерт, кој ќе се одржи на 5 април во Скопје. Настанот се очекува да биде музичка експлозија, исполнета со нивните најголеми хитови, како и неколку изненадувања за фановите. Огромниот интерес за концертот уште еднаш потврдува дека оваа музичка соработка е едно од најсилните нешта на македонската сцена во последните години.
