Мицкоски ги мајтапи граѓаните: Маркетите да објавувале цени, а луѓето да споредувале!
Христијан Мицкоски со своите последни изјави повторно докажува дека е целосно одлепен од реалноста. Во време кога граѓаните едвај ги врзуваат крај со крај, кога цените секојдневно растат, Мицкоски предлага „револуционерно решение“ – маркетите да ги објавуваат цените на вебсајтови, а граѓаните сами да ги споредуваат.
Дали ова е економската политика на Владата? Дали ова е стратегијата за заштита на животниот стандард? Да ажурираат сајтови додека луѓето сè потешко преживуваат?
Овој „бисер“ е само уште една потврда дека Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ нема ни визија ни волја да преземе конкретни мерки за спречување на растот на цените. Ова не е ништо друго освен мачкање очи пред јавноста дека нешто „се работи“, додека во реалноста, трговците и крупните интереси се заштитени, а граѓаните оставени сами на себе.
За осум месеци оваа Влада не понуди ниту една успешна економска мерка. Напротив, со секој потег дополнително го слабее животниот стандард на граѓаните. Македонските семејства се соочуваат со реалност каде што секој ден имаат сè помалку пари, а цените растат без контрола.
