Поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков, од вчера попладне е недостапен, и полицијата не успеала да му го врачи решението за куќен притвор, што како мерка на претпазливост, на барање на обвинителството викендот го донесол Кривичниот суд. Обвинителството приложило документација од Бирото за јавна безбедност при МВР за сомнеж за бегство на Мијалков.
Судот му одреди мерка куќен притвор на Сашо Мијалков. Преземаме мерки и активности за негово пронаоѓање. Распишана е национална потерница. Бидејќи од досега преземените мерки и активности лицето не е пронајдено, ќе го известиме судот и ќе побараме да биде издадена наредба за распишување на меѓународна потерница, соопштија од МВР.
МВР утрово потврди дека се преземаат мерки за негово пронаоѓање. Од синоќа е значително забележливо засиленото присуство на полицијата низ улиците на Скопје, како и на повеќе адреси каде се знае дека престојувал или се движел обвинетиот. Полиција и утрово е присутна пред хотелот „Мериот“, како и пред домот на Мијалков на Водно.
Полицијата синоќа не успеала да го најде Сашо Мијалков на адресата во комплексот Панорама на Водно за да му го врачи решението за куќен притвор кое вечерва според информациите на Телма е донесено од скопскиот кривичен суд.
Полициски патроли кои требало да му го достават решението се пред неговиот дом, додека други полициски службеници проверуваат други бизнис локации поврзани со екс началникот на УБК (хотел Мериот), како и во зградата кај Домот за деца без родители, каде Мијалков исто така има стан.
Решението за одредување на мерка куќен притвор е донесена по барање на обвинителството откако сите обвинети во случајот со масовното нелегално прислушување „Тврдина Таргет“ дадоа завршни зборови, а за во петок е закажано изрекување на пресудата. Во случајот Мијалков е обвинет за злоупотреба на службената положба како директор на УБК од каде според обвинението се спроведувало масовното прислушување на политичари, новинари, бизнисмени, активисти и други граѓани.