Со образложението дека никој не е недопирлив поранешниот директор на тајната полиција Сашо Мијалков е осуден на 12 години затвор за предметот „Таргет-Тврдина“ кој се однесува на седумгодишното масовно прислушување и уништување на опремата.
Екс шефот на УБК пресудата ја прими мирно и без реакција.
Освен Мијалков, затворска казна од четири години за овој случај доби и екс министерката Гордана Јанкулоска. Поранешните функционери во УБК, Горан Грујевски и Никола Бошкоски, кои се во бегство во Грција добија по 15 години затвор. За поранешниот шеф на Кабинетот на Мијалков, Тони Јакимовски, пресудија 6 години затвор, а три години затвор за началничката Надица Николиќ која беше обвинета дека учествувала во прислушувањето.
За петмина обвинети, односно за Владимир Варелов, Маријан Шумуликоски, Силвана Златова, Васко Исакоски и Валентина Симоноски е донесена условна осуда од 2 години.
Овој случај според судиите Владимир Туфегџиќ и Џенета Бегтовиќ бил предизвик за правниот поредок, а обвинетите со прислушувањето имале цел да го контролираат животот во државата.
Овие пресуди се првостепени. Одбраната и обвинителството имаат право на жалба до Апелацониот суд. Обвинителката Ленче Ристоска, по рочиштето изјави дека успеале да докажат оти обвинетите се виновни, додека одбраната на Сашо Мијалков се пожали дека казната е драконска.
Според обвинителниот акт, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, незаконски биле следени над 4.200 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби, а со уништувањето на системот за прислушување била причинета штета од 1.4 милиони евра. Оваа сума дел од обвинетите треба да ја надоместат во државната каса.