Екипата на Арсенал фати залет по катастрофалниот старт и со триумф над Тотенхем (3-1) во лондонското дерби тимот ја запиша третата победа во низа во англиската Премиер лига со која се фати приклучок во горниот дел на табелата.
„Топчиите“ по минималците против Норич, односно Барнли, одиграа одличен натпревар и во едно полувреме кое беше супер-квалитетно го збришаа ривалот предводен од Нуно Еспирито Санто.
Домашниот тим на „Емирати“ трипати ја затресе мрежата на Тотенхем во половина час и по тие блескави моменти беше јасно кој ќе триумфира на овој натпревар. Резултатот го отвори Смит-Роу во 12. минута, вториот погодок беше дело на Обамејанг во 27. минута, додека третиот го даде младиот Сака во 33. минута. Тотенхем го намали поразот во вториот дел, преку Хјон-Мин Сон на десет минути пред финишот.
Арсенал во следната рунда гостува кај Брајтон, додека Тотенхем со три порази во низа ја дочекува Астон Вила.