Најголем раст на просечната плата има во финансиските и дејностите осигурување, уметност, сервисни дејности со храна…
Просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во март годинава, изнесува 31 080 денари и во однос на март лани е зголемена за 10,1 проценти, објави денеска Државниот завод за статистика.
Ваквото зголемување се должи, пред сè, на зголемувањето на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во секторите: финансиски дејности и дејности на осигурување (21,4 проценти); уметност, забава и рекреација (20,2 проценти) и објекти за сместување и сервисни дејности со храна (19,5 проценти).
Зголемување на просечната нето-плата во однос на февруари пак е забележана во секторите: финансиски дејности и дејности на осигурување (16,9 проценти); рударство и вадење на камен (13,5 проценти) и преработувачка индустрија (7,1 процент).
“Покачувањето на платите и вложувањето во стандардот на граѓаните е политика на која останавме доследни. Благодарение на правичните политики и одговорното владеење, ветувањето на СДСМ од 2017 година е целосно реализирано!
Малку кој веруваше дека ќе имаме просечна плата од 30.000 денари. Ова ветување беше мета на критика и потсмев од опозицијата која силно се противи на растот на платите, но и покрај честите опструкции од нив – успеавме.
Во време на голема економска криза сфаќаме колку се значајни овие политики. Со покачувањето на платите ги штитиме граѓаните од големиот раст на цените, а буџетот го насочуваме онаму каде е најпотребно, да обезбедиме повеќе приходи, да ги намалиме ценовните шокови и заеднички полесно да ја надминеме кризата.
Изразувам благодарност на сите членови на Владата во овој и минатиот мандат кои доследно и посветено работеа на остварување на ова ветување. Силно верувам дека граѓаните ќе ги препознаат и наградат овие политики на владата предводена од СДСМ” напиша Премиерот на Фејсбук