Премиерот Зоран Заев на прес-конференцијата во Познањ најави дека Северна Македонија од самитот за Западен Балкан што се одржа во овој град се враќа со грант од околу 43 милиони евра за три проекти.
-Крајно сме благодарни за новиот пакет за поврзаност кој денеска беше објавен од Европската комисија и кој опфаќа три проекти од огромна важност за Република Северна Македонија, во вкупна вредност од околу 42,7 милиони евра, изјави Заев на прес-конференцијата.
Едниот, во износ од 13 милиони евра, е интерконекторот меѓу Република Грција и Република Северна Македонија за снабдување со природен гас.
Вториот проект, од околу 3 милиони евра се доделени за изградба на заедничкиот железнички граничен премин и патен пристап на Табановце на границата меѓу Република Србија и Република Северна Македонија, а околу 28 милиони евра и се доделени на Македонија за изградба на автопатот А4, отсек БЦ „Блаце“- Скопје.
